Ји: САД може да дадат поддршка, но не можат да го решат спорот за името

Не e на Соединетите Американските Држави или на Европската Унија да најдат решение за спорот за името, туку на земјите кои се вклучени директно во него, смета заменик помошникот државен секретар задолжен за европски и азиски прашања, Хојт Брајан Ји одговарајќи на новинарски прашања по средбата со премиерот Никола Груевски во Владата.

„Не разговаравме за посебни предлози, мислам дека она што е важно е сите страни кои се заинтересирани да видат решени да размислат за можностите и потребата да се најде решение, работиме заедно да се најдат вистинските комбинации, мерки кои ќе овозможат решение. Но, не на САД или на ЕУ или било која трета страна да најде решение,туку на земјите кои се директно вклучени, а тоа се Грција и Македонија да најдат решение, а нашата улога е да го поддржиме тој процес“, вели Ји говорејќи за тоа каква е улогата на САД во процесот околу спорот за името и за што точно зборувале со премиерот Груевски.

Наследникот на Филип Рикер, истакнува дека САД ја поддржуваат интеграцијата на земјава во ЕУ и НАТО и додава дека не постојат крајни рокови до кога ова долгогодишно прашање треба да се реши.

Прашан за можност од предвремени парламентарни избори во земјава американскиот дипломат вели дека таква одлука треба да се донесе со цел да се унапредат македонските цели и дека евентуалните избори треба да бидат фер и демократски.

На заедничката средба меѓу Груевски и Ји беа поздравени одличните политички и економски односи помеѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, и истакнаа задоволство од континуираниот тренд на унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

Премиерот Груевски ги истакна реформите кои ги презема Владата  за унапредување на стандардите за реализација на европските и евроатланските интеграции кои претставуваат стратешка определба на нашата земја и го имаат полното внимание на Владата која реализира мноштво мерки и активности за таа цел.

Груевски ја нагласи осветеноста на Македонија во процесот кој се води под покровителство на Обединетите нации за надминување на разликите од наметнатиот спор и за напредок во европските и евроатлански интеграции.

На средбата станало збор за економската соработка, при што било изразено задоволство од соработката во областа на економијата, при што беа акцентирани поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори и позитивните трендови на инвестиции на американските компании во Македонија со кои се придонесува во економскиот развој на земјата и во отворањето на нови работни места.

Ји претходно имаше средби и со претседателот Иванов, министерот за надворешни работи Никола Поповски, вицепремиерот за евроинтеграции ФатмирБесими и лидерите на политичките партии.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.