Ји: СДСМ да се врати во Парламент и да ја преземе улогата за која е избрана

Актуелната политичка криза и начините за нејзиното надминување биле тема на денешните разговори на американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Ји со премиерот Никола Груевски. Тој побара Владата да работи заедно со партнерите за надминување на кризата и да ја реафирмира својата посветеност на патот кон ЕУ и НАТО и вредностите врз кои овие институции се основани, а опозициската СДСМ да се врати во Парламентот и да ја презеде улогата за која е избрана.

Како што изјави по средбата американскиот дипломат политичката криза има повеќе аспекти, а еден од нив е содржината на снимките кои се емитувани кои говорат за можна корупција во власта, можно влијание на власта врз медиумите, врз правосудството за можни изборни злоупотреби и други видови злоупотреби на власта.

2

– Разговаравме повеќе за важноста оваа криза да биде надмината и обврската на медиумите да ги зачуваат основните демократски вредности, а лицата на власт да ги исполнат своите обврски за кои биле избрани. Владата треба да ја испочитува и да ја реафирмира заложбата за евроатлантските принципи за Македонија да продолжи со напредокот кон ЕУ и НАТО, рече Ји во изјава за медиумите по разговорите во Владата.

Тој посочи дека во оваа криза во тек е и судски процес за одговорноста за прислушувањето и за објавувањето на прислушуваните разговори. Тоа е важен аспект и ние го почитуваме, рече Ји, но нагласи дека се поставува и прашањето за можна злоупотреба на власта што, вели исто така треба да биде адресирано.

– Овие прашања бараат одговори и одговорност. Ја повикуваме Владата и нејзините институции да ги земат предвид сериозно сите обвинувања и инсинуации за можно незаконско однесување исто како што тоа го прави во однос на обвиненијата поднесени против лидерот на опозицијата Заев. САД остануваат силни поддржувачи на македонските евроатлантски интеграции. Тоа останува наша цел. Македонската иднина во евроатлантските институции е поддржана не само од САД, туку и од огромното мнозинство на граѓаните на Македонија, но и од европските сојузници. Затоа ја повикуваме македонската Влада да работи заедно со партнерите за надминување на кризата и да ја реафирмира својата посветеност  на патот кон ЕУ и НАТО и вредностите врз кои овие институции се основани – највисоките стандарди на владеење на правото, транспарентност, праведност, слобода на говорот и независност на судството кои се темел на евроатлантската заедница, порача Ји.

3

Ги повика сите членови на македонското општество, вклучуваќи ги и медиумите, граѓанското општество и опозицијата да направат се што можат да го зајакнат патот на Македонија кон евроатлантските интеграции.

– Во случајот на опозиција се надевам дека таа ќе се врати во Парламентот што е можно поскоро и ќе ја преземе својата демократска улога за која е избрана. Се надевам дека Македонците ќе работат заедно за да ја надминат кризата и ќе се фокусираат на она што е најважно – продолжување на патот кон ЕУ и НАТО, креирање на посилна економија и подобра клима за странски и домашни инвестиции кои ќе создадат нови работни места и подобра иднина за граѓаните на Македонија, додаде американскиот дипломат.

Заменик помошникот државен секретар Ји порано денеска се сретна со министерот за надворешни работи Никола Попоски.