Македонија,Крими хроника

ЈО со мерки за претпазливост за возачот кој прегази девојче во Хром

ЈО со мерки за претпазливост за возачот кој прегази девојче во Хром

Надлежен јавен обвинител денеска до судија на претходна постапка поднел Предлог за определување мерки на претпазливост за возачот на камионот кој вчера усмрти 11-годишно девојче во скопската населба Хром.

По добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11-годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата, денеска надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост:забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело од чл. 146 ст.1 точка 1,2,3 и 7 од Законот за кривична постапка, се вели во денешното соопштение од Јавното обвинителство на Република Македонија.

Судијата на претходна постапка, како што е наведено во соопштението, го уважил предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определил предложените мерки за претпазливост.

Возачот се товари за сторено кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик, велат од јавното обвинителство.

Во соопштението се наведува дека надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера извршил увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издал наредби за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.

Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место.