Јоханес Хан ќе пристигне во Македонија три дена порано од планираното

Еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, идниот месец ќе пристигне во Македонија три дена порано од планираното, јавува МИА.

Иако од Европската комисија официјално најавија посета на наследникот на Штефан Филе на Скопје на 19-ти и 20-ти февруари, поради други обврски, Хан за првпат ќе ја посети нашата земја во рамки на својот нов мандат на 16-ти и 17-ти идниот месец.

Претходно, портпаролката на Еврокомисијата, Маја Коцијанчич, за МИА ја потврди посетата на комесарот Хан, но за агендата при неговата дводневна посета на Македонија, не откри детали, што не сака да го стори ниту сега. Од канцеларијата на комесарот за преговори за проширување единствено потврдија дека Австриецот ќе се сретне со политичките лидери на земјата со цел да се запознае со оние со кои се уште не се сретнал, да дискутира за политичкиот развој, клучните приоритети и за продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД).

– Датумот за нов почеток на ХЛАД-от, засега не е потврден и ќе треба да се договори со македонските власти при оваа негова посета на Скопје – истакна портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, во изјава за МИА минатата недела.

Како што е познато, јавен став на комесарот Хан и на Еврокомисијата е дека сакаат во Македонија да ја видат опозицијата назад во парламентот, посебно по успешното ставање во целосна функционалност на албанскиот парламент. Една од задачите на еврокомесарот при посетата на нашата змеја ќе биде да ја убеди опозициската СДСМ да се врати во Собранието, со што нема да им штети на евроинтеграциите на земјата, како и да ги почитува институциите на државата, посебно што парламентот е единствено место за политичка дебата и дискусија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.