Јоханес Хан нов еврокомесар за проширување

Австрискиот политичар Јоханес Хан доаѓа на местото на досегашниот комесар за проширување Штефан Филе.

Хан беше назначен од новиот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Претставувајќи го својот нов тим во средата во Брисел, Јункер потенцираше дека Европската унија се наоѓа во еден од најчувствителните периоди од својата историја и еден од најголемите предизвици е да се убедат европските граѓани дека ќе има промени.

„Европските граѓани од нас очекуваат успех. По неколку години на тешки економски времиња и болни реформи, Европејците очекуваат успешна економија, работни места, социјална заштита, безбедни граници, енергетска безбедност и дигитални можности. Денес го претставувам тимот кој ќе ја врати Европа на патот кон растот и создавањето и на работни места. Во новата Европска комисија, формата ќе ја следи функцијата. Мораме да бидеме отворени за промени и да покажеме дека Комисијата може да се промени. Она што го презентирам пред вас е политичка, динамична и ефективна Европска комисија, подготвена да и даде нов почеток на Европа. Портфолијата ги поделив на луѓе, а не на земји. На теренот ставам 27 играчи, а секој од нив има посебна улога, ова е мојот победнички тим“, порача Јункер.

Тимот на Јункер ќе има седум потпретседатели, односно шест плус високата претставничка на Унијата за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.

„Во новата Комисија нема првокласни или второкласни комесари – има лидери на тимот и играчи на тимот. Тие ќе работат заедно во духот на колегијалноста и ќе зависат меѓусебно. Сакам да претставам нов начин на соработка во областите каде Европа навистина може да направи промена“, додаде новиот претседател на Комисијата.

Шесте потпреседатели во Комисијата на Јункер се Холанѓанецот Франс Тимерманс, Бугарката Кристалина Георгиева, Естонецот Андрус Ансип, Словенката Аленка Братушек, Летонецот Валдис Домбровскис и Финецот Јурки Катаинен.

Портофолиото за внатрешен пазар, индустрија и претприемништво и е доделено на полската еврокомесарка Елжбита Биенковска, потоа портофлиото за економски прашања, оданочување и царина ќе му припадне на Французинот Пјер Московици. Чешката еврокомесарка Вера Журкова пак, ќе биде комесар за правда и родова еднаквост.

Грчкиот еврокомесар Димитрис Аврамопулос ќе биде задолжен за миграција, односно неговит приоритет ќе биде формирањето на нова политика во борбата против илегалната миграција.

Австриецот Јоханес Хан ќе го наследи Чехот Штефан Филе на функцијата еврокомесар за проширување, во обид да се продолжи процесот на преговорите за проширувањето, иако како што претходно порача Јункер, за време на неговиот петгодишен мандат ќе нема нови членки на Унијата.

Составот на Јункер во себе вклучува пет поранешни премиери, четворица вицепремиери, 19 поранешни министри, 7 претходни еврокомесари, и 8 поранешни европратеници. Овој тим ја има неопходната експертиза да се соочи со моменталните економски и геополитички предизвици, се вели во соопштението на Комисијата.

Она што сега преостанува за тимот на Јункер е да ја добие согласноста од Европскиот парламент, кои најпрво ќе ги ислуша кандидатите за комесари во соодветните парламентарни комитети, а откако Парламентот ќе даде согласност, тогаш Европскиот совет и формално ќе ја именува новата Европска комисија