Јоко Оно примена во болница

Вдовицата на поранешниот член на Битлси Џон Ленон, Јоко Оно, хоспитализирана е во петок вечер во Њујорк, објавија медиумите. Нејзиниот издавач Елиот Минц, за медиумите рече дека таа е сместена во болница заради грип по совет на нејзиниот лекар.

Американската мрежа CBS претходно објави дека Оно, која неодамна наполни 83 години, е одвезена во болница заради можен мозочен или срцев удар, наведувајќи полициски извори.

Минц демантираше дека претрпела удар, додавајќи дека има информации дека ќе биде пуштена од болница во сабота. Таа го повика својот лекар, кој ја посоветува да оди во болница.

Уметничката кариера на Јоко Оно вклучува повеќе од пет децении работа. Минатата година Музејот на модерната уметност во Њујорк приреди изложба на нејзините постари дела, покажувајќи како нејзините идеи влијаеле врз развојот на уметноста во шеесеттите години на минатиот век.