Јолевски го промовираше новиот правилник за исхрана на припадниците на АРМ

Министерот за одбрана Зоран Јолевски го промовираше новиот правилник за исхрана, во чии рамки ќе се нуди поквалитетена и побогата исхрана.

Целта на овие измени, кои како пилот проектот се запачнати во Воената академија, изјави министерот Јолевски, е храната  што ја добиваат војниците да биде многу поквалитетна и да се искористуваат прехранбените производи кои ги имаме во Република Македонија и се многу квалитетни.

Тој најави можност и за рестартирање на кантините во рамки на гарнизоните, каде што професионалните војници ќе можат да добиваат по поволна цена квалитетна храна.

– Во целиот пакет на подобрување на животниот стандард на припадниците на АРМ започнуваме со ревновирање на одреден број згради во рамки на касарните со цел да имаат многу подобри услови за функционирање. Го започнавме проектот „АРМ мој вистински дом“, а изградбата најверојатно на првата зграда ќе започне крајот на летото или почетокот на есента, изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски.

Задоволство од новиот правилник за исхрана изразија питомците од четврта година на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“, Мариса Биберовиќ и Александар Анѓеловски, кои сметаат дека сега се дава поголем избор и може да се зема храна онолку колку што сметаат дека ќе ги задоволи нивните потреби, а тоа влијае на нивната физичка подготвеност.

Фотографија: МИА