Јолевски-Хоџис: Македонија и САД го продолжуваат партнерство во одбраната

Република Македонија и САД продолжуваат да го развиваат стратегиското партнерство, кое е особено изразено во областа на одбраната, заклучија министерот за одбрана Зоран Јолевски и команданотот на Командата на копнените сили на САД за Европа, генерал-потполковник Бен Хоџис на денешната средба во Министерството за одбрана.

На средбата министерот Јолевски посочи дека Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија имаат одлични односи со вооружените сили на САД, особено со Командата на копнените сили на САД за Европа, која се манифестира преку заеднички вежбовни активности и обуки.

– Учеството на околу 150 припадници на Армијата на Република Македонија на една од најголемите вежби оваа година, „Анаконда 16“ е доказ дека соработката тече непречено и дека и копнените сили на САД, но и НАТО цврсто веруваат во капацитетите на АРМ, порача министерот на средбата.

Јолевски додаде дека преку вежбите кои се планираат за идната година ќе продолжи трендот на унапредување на интероперабилнсота на АРМ со армиите на земјите-членки на НАТО, што,како што рече, е од особена важност за Македонија, имајќи предвид дека членството во Алијансата останува стратешка определба на земјата.

Генералот Хоџис посочи дека е исклучително задоволен од нивото на соработка, но и од нивото на прикажани вештини и знаења кај секој припадник на АРМ. Тој додаде дека од заедничките активности бенефит имаат и Македонија и САД и затоа во иднина ќе се работи на уште поголемо интензивирање на соработката во оваа област.

Соговорниците на средбата разговараа и за процесот СЕДМ, при што министерот Јолевски истакна дека Македонија ќе биде домаќин на главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа од 2020-2026, што говори за лидерството на земјата во регионот.

Генералот Бен Хоџис, кој престојува во дводневна посета на Армијата на Република Македонија, денеска оствари средба и со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, а го посети и Баталјонот на Воената полиција. Во текот на вчерашниот ден, пак, генералот ја посети и Воената академија, каде оствари средба и со дел од питомците со кои разговараше за лидерството во војската и значењето на воената професија, а на најдобрите тројца питомци им врачи и признанија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.