Јолевски: Македонија ја разгледува можноста за зголемено учество во мировните операции

Македонија ја разгледува можноста за зголемено учество во мировните операции на ОН, истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, кој вчера во Седиштето на Обединетите Нации во Њујорк учествуваше на Самитот посветен на мировните операции и идните потреби на Обединетите Нации во оваа насока.

Министерот Јолевски, во повеќе наврати досега укажа на тоа дека Република Македонија високо го цени придонесот на мировните операции на ОН кон одржување на меѓународниот мир и безбедност. Во тој контекст, министерот посочува дека Република Македонија сериозно ќе ги разгледа можностите за зголемен придонес кон операциите на ОН, согласно потребите на Организацијата и националните капацитети.

Јолевски: Македонија ја разгледува можноста за зголемено учество во мировните операции
Јолевски: Македонија ја разгледува можноста за зголемено учество во мировните операции

Имав бројни состаноци и една од иницијативите од моја страна до земјите од Југоисточна Европа, односно процесот СЕДМ е заедничко упатување на војници во мировни мисии на ООН. Врз основа на документот кој го предложив, ќе разговараме со нашите партнери и во иднина. Втора опција е упатувањето на наши офицери и војници во рамките на контингентите на Италија која е најголем контрибутор од Европа кон мировните операции на ООН, изјави министерот Јолевски по самитот.

Тој дополни дека како трета опција која ќе се разгледува при посетата на САД е трилатералното партнерство кое Република Македонија го развива со државата Вермонт од САД и Сенегал и можностите за заедничко упатување на војници во мировни операции на ООН.

Генералниот секретар на Организацијата, Бан Ки-Мун во своето обраќање пред присутните порача дека потребата од мировни операции никогаш не била поголема.

Мировниците имаат голем број задачи – тие се соочуваат со екстремисти, криминални и други групи кои немаат никаква почит кон хуманитарното или човековите права, истакна Ки-мун пред лидерите и претставниците на над 50 земји.

Самитот кој се одржа на маргините на 70-тото Генерално Собрание на ООН на едно место ги собра контрибуторите кон мировните операции на ООН, како и оние кои планираат идно можно учество во рамки на овие мировни мисии. При отворањето, претседателот на САД, Барак Обама се осврна на значењето на поддршката кон мировните операции на ООН.

Ние сме тука, заедно, за да ја зацврстиме и реформираме ООН и нејзините мировни операции, бидејќи тоа го бара заедничката безбедност, рече претседателот на САД, Обама.

Република Македонија е дел од мировната операција на ООН, УНИФИЛ во Либан од 2007 година. Досега се извршени седум ротации на позицијата штабен офицер.