Македонија

Јолевски на глобалниот форум Вроцлав 2015

Јолевски на глобалниот форум Вроцлав 2015
Јолевски: Армијата останува на јужната граница додека има потреба

Македонскиот министер за одбрана  Зоран Јолевски ќе учествува на „Глобалниот форум во Вроцлав 2015“, што денеска и утре се одржува во Вроцлав, Полска.

Најавено е обраќање и дискусија на Јолевски на панелот посветен на „Патот кон Европа“. На панелот модериран од Марцин Заборовски, директор на Полскиот институт за меѓународни работи ќе се обратат и министрите за надворешни работи на Грузија и на Молдавија.

На Глобалниот форум ќе учествуваат  и претседателот на Полска, Бронислав Коморовски, министерот за национална одбрана на Полска, Томаш Шимоњак, министерот за надворешни работи Грегорж Шчетина и многу други.

Министерот Јолевски на маргините на форумот ќе оствари повеќе средби меѓу кои и со неговиот полски колега Шимоњак, како и американската сенаторка Џеан Шахин.

Глобалниот форум во Полска обединува највисоки претставници на земјите од Европа и светот со цел дискусија за значајни прашања како процесите за интеграција во евроатлантските структури, геополитичките поместувања и предизвици,  енергетските прашања од аспект на безбедноста,  економијата и климатските промени,  одбраната и технологијата во време на хибридни воени предизвици и слично. На форумот ќе стане збор и за трансатлантската одбрана помеѓу два самита на НАТО – самитот во Велс и идниот самит во Варшава, следната година, соопшти македонското Министерство за одбрана.