Јолевски на молитвен појадок во Белград

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски учествуваше на дводневниот Балкански молитвен појадок кој се одржуваше во Белград, Република Србија.

Како што соопшти денеска МО, во текот на вчерашниот ден Јолевски се обратил во рамки на главната сесијата која била во фокусот на потребата од градење добри меѓусоседски односи и зближување со соседите. Тој остварил средби со претставници од американскиот Конгрес кои присуствувале на молитвениот појадок и со потпретседателот на Собранието на Република Србија, Владимир Маринковиќ и повеќе други учесници од регионот.

Во текот на денешниот ден, стои во соопштението, се одржала тркалезна маса во Собранието на Република Србија, на која главна тема била борбата против тероризмот како глобална закана.

На оваа тркалезна маса, која ја водел потпретседателот на Собранието на Република Србија, Владимир Маринковиќ, покрај министерот Јолевски учествувале и министерот за одбрана на Србија, министрите за внатрешни работи на Црна Гора и Босна и Херцеговина, американскиот конгресмен, Роберт Адерхолт, поранешните конгресмени, Боб Меккју, Џим Слатери, еминентни американски професори, претставници од германскиот Бундестаг, Република Српска, Косово, како и поранешниот министер за одбрана на Албанија, Фатмир Мејдиу. Било договорено, се посочува во соопштението, да се зајакне соработката во оваа област и да се изготви заеднички документ со кој ќе се предложат конкретни активности на земјите од регионот во борбата притив тероризмот, а воедно би се дале препораки на земјите членки од ЕУ и САД, за конкретна поддршка на овие напори.

Од страна на министерот Јолевски било истакнато дека е неопходно земјите од регионот да соработуваат во борбата против овој глобален предизвик. Како што стои во соопштението од МО, тој побарал земјите од Европската Унија и Соединетите Американски Држави, да дадат конкретна поддршка на напорите на земјите од регионот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.