Јолевски на терен во тетовско – најави помош за санирање на последиците од невремето (ВИДЕО)

Јолевски на терен во тетовско - најави помош за санирање на последиците од невремето
Јолевски на терен во тетовско - најави помош за санирање на последиците од невремето

Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска ги посети населените места Мала и Голема Речица, Шипковица и Порој со цел да изврши увид во состојбите предизвикани од врнежите дожд изминатиот викенд, мерките за санирање на последиците и можните решенија за да се спречи повторување на ваквите случувања во иднина.

При посетата на Тетовско министерот Јолевски се сретна со дел од жителите во загрозените реони. Според нивните кажувања во Мала и Голема Речица главните проблеми ги предизвикува свлечиштето над населбите од каде градежниот шут, камењата и земјата под дејство на врнежи се спуштаат надолу и предизвикуваат проблеми на куќите и имотите. Оценето е дека е потребно преземање поголеми зафати за регулирање на коритата на водните текови, но и изградба на потпорни и препречни ѕидови кај свлечиштата за да се спречи спуштање на шутот, земјата и камењата.

– Ова е шут што е носен долго време и фрлан таму и потребно е да се направат препречни ѕидови што ќе спречат тој при поројни дождови да се спушта надолу. По оваа посета јас ќе предложам на Владата да се испрати стручна екипа од инжeнери да го видат проблемот од местото на настанување горе, каде е свлечиштето па се до тука за да се реши посеопфатно овој проблем, изјави министерот Јолевски.

Жителите од Мала и Голема Речица очекуваат надлежните што поскоро да преземат мерки со кои во иднина би се елиминирале и намалиле последиците од можното невреме.

– Од Владата што побрзо да се преземат чекори и да не се остава на општината  па да велат дека не можат или општината не е моќна зашто во населбите има секаде шут. Треба да се најде решение за вакви работи, рече претседателот на месната заедница од Голема Речица Муртезан Ибиши.

Дождовите во ноќта помеѓу сабота и недела предизвикаа помали свлечишта на патот што ги поврзува шарпланинските села Шипковица и Бродец, но локалната самоуправа од Тетово веднаш интервенираше со градежна механизација и брзо ги исчисти наносите така што сообраќајот не беше прекинат. Од дождот овојпат немаше посериозни последици во Шипковица и Порој. При силното невреме што ги зафати Мала и Голема Речица како и Шипковица на почетокот од август имаше пет човечки жртви и големи штети на куќите и другите имоти на населението.