Јолевски: Поддршката од САД за влез во НАТО потребна повеќе од кога било

За Република Македонија е значајно зачленувањето во НАТО, а поддршката од САД за влез во Алијансата е потребна повеќе од кога било, потенцирал министерот за одбрана Зоран Јолевски на средбата со американскиот заменик-помошник на секретарот за одбрана Мајкл Карпентер во Пентагон.

Јолевски, како што соопшти неговиот Кабинет, побарал и поголема поддршка од официјалните претставници на САД за стратегиските бизнис инвестиции во доменот на одбраната во Република Македонија.

Карпентер изразил согласност за идејата на министерот Јолевски и воедно ја нагласил подготвеноста да ги разгледа сите опции за што поголема инволвираност и поддршка на официјалните претставници од Пентагон и САД за поддршка на почнатите процеси на модернизација на Армијата и одбраната на Република Македонија.

Двајцата соговорници се согласиле и дека регионот има клучна улога во европската стабилност, но и дека САД треба да го зголеми фокусот и поддршката за регионот.

Средбата на министерот Јолевски со Карпентер во Пентагон е во рамки на неговата работна посета на САД.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.