петок, 9 декември 2016  |  Вести денес: 0

Јолевски: Поканата за НАТО ќе помогне и за решавање на проблемот со Грција

jolevski

Последни вести

Свесни сме за проблемот со нашиот јужен сосед за разликите околу името, но истовремено сме и сериозно посветени за изнаоѓање заеднички прифатливо решение. Упатувањето покана на Самитот во Варшава за Македонија во НАТО ќе помогне за јакнење на мерките на доверба меѓу двете земји.

Ова го истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски кој во Вашингтон учествуваше на конференцијата „Иднината на проширувањето на НАТО и новите граници на европската безбедност“ на третиот панел посветен на „Иднината на проширувањето: Дали вратите на НАТО се уште се отворени“.

– За нас членството во НАТО е како двонасочна авенија. Од една страна ние даваме поддршка на НАТО и нашите сојузници во напорите за воспоставување мир и стабилност на други места во светот, а од друга страна нашите војници се стекнуваат со многу големо искуство. Тоа се покажа и при справувањето со мигрантската криза, рекол Јолевски одговарајќи на прашање.

Како што соопшти Министерството за одбрана, министерот Јолевски упатил честитка до Црна Гора за добиената покана, но и до земјите членки на НАТО за упатената покана.

– Оваа покана е многу важна затоа што се испраќа пораката дека вратите на НАТО остануваат отворени, рекол министерот Јолевски, додавајќи дека колку повеќе е НАТО во Југоисточна Европа, толку регионот е постабилен.

Во своето обраќање на панелот Јолевски истакнал дека изминатите две декади Македонија докажа дека од консумент стана земја која придонесува за светскиот мир и безбедност.

– Македонија покажа дека македонските војници рамо до рамо со останатите војници од Алијансата се борат за вредностите што ги споделуваме и дека е партнер на НАТО на кого може да се ослони. Реформите што ги правиме во одбраната се важни за НАТО аспирациите, но многу поважни за нас самите. Да имаме силна и мобилна Армија е многу важно за Македонија и за целиот Регион. Со акцискиот план за членство во НАТО се јакне општество, демократските институции, и покажуваме капацитет дека ги споделуваме истите вредности, рекол Јолевски.

Хаки Абази програмски директор за Западен Балкан при Фондацијата на браќата Рокфелер рече дека ова е историска можност да се заштити тоа во што е вложувано последниве 15 години на Балканот, да се покаже дека демократијата може да се развива во Балканот, но и заради безбедноста на Европа. Тој додаде дека на претстојниот самит во Варшава најнапред треба да се прослави приемот на Црна Гора и да се покани Македонија.

Пред почетокот на Конференцијата Јолевски имал средба со претставници на бордот на Атлантскиот совет, со министрите за одбрана на Црна Гора и на Грузија, со грузискиот министер за надворешни работи и со неколку амбасадори на која се разговараше за потребата процесот на проширување на НАТО да продолжи, за потребата од лидерство на САД во овој процес, а станало збор и за позициите на претседателските кандидати во поглед на НАТО. Притоа тој ја поздравил иницијативата на Атлантскиот совет да се отвори дискусија за проширувањето на НАТО во Вашингтон, еден месец пред Самитот во Варшава, соопшти Министерството за одбрана.

Покрај учеството на денешната конференција, министерот Јолевски имал средба и со Роберт Бенџамин, регионален директор за Централна и Источна Европа при Институтот за национална демократија. На средбата стана збор за политичката состојба во Македонија

Во текот на денешниот ден министерот Јолевски ќе има средби во Пентагон и Херитиџ Фондацијата.

Најчитани вести