Јолевски се обрати пред студентите на Колеџот во Јужна Флорида

Безбедноста на секој граѓанин, на секој човек треба да биде наша цел и обврска. Но, за да ја достигнеме таа цел, потребни се кадри кои имаат високо ниво на познавања, исклучителни способности и капацитети, како и висока мотивираност, истакнал министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Јолевски, во своето обраќање пред студентите, кадетите и водството на Колеџот на Јужна Флорида, САД, пренесе МИА.

Регионалната поврзаност, соработката и интероперабилноста, нагласи тој, се клучни за да можеме да ја развиваме нашата Армија, но и армиите на земјите во регионот и пошироко, соопшти денеска МО. Јолевски посочил дека денес заканите не запираат онаму каде што се и границите, туку нивните влијанија и потенцијалните ризици се транснационални и затоа, според него, меѓусебното поврзување и колективниот развој се базата за безбедноста на Република Македонија, регионот, Европа, па и светот.

Во тој контекст, додал Јолевски, Македонија сериозно му пристапува на ова прашање и веќе 13 години е дел од меѓународните мировни мисии, меѓу кои и во Авганистан, првично во мисијата ИСАФ, и денес во мисијата „Одлучна поддршка“.

– Пример за посветеноста на Македонија кон мирот и безбедноста е и нејзината стратегиска цел – членството во НАТО-Алијансата и во Европската Унија. Македонија и АРМ се подготвени да го заземат заслуженото место како полноправен член на Северноатлантската алијанса,истакнал министерот Јолевски.

Во обраќањето, Јолевски се осврнал и на реформските зафати и развојот на Воената академија во Република Македонија, која е една од најпрестижните институции, каде што освен кадети за потребите на АРМ се школуваат и кадети за потребите на вооружените сили на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Во однос на академијата, министерот за одбрана информирал дека со најновите промени, дел од курсевите во трета и четврта година ќе се реализираат на англиски јазик, со што ќе се отвори и можноста за размена на студенти и кадети со другите странски високообразовни институции.

Инаку, Колеџот на Јужна Флорида е приватна образовна установа основана во 1883 година. Колеџот е рангиран на петтото место на ранг-листата за најдобри регионални колеџи за 2015 година.