Македонија

Јолевски: Вклучување на ЕУ за побрз транспорт на бегалци

Јолевски: Вклучување на ЕУ за побрз транспорт на бегалци

Министерот за одбрана Зоран Јолевски денес оствари средба со претставникот на УНХЦР за Македонија, Мохамад Ариф и со регионалниот претставник на оваа организација, Ендру Мејн на која разговараа за моменталната состојба со бегалци во земјата.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на средбата, министерот и соговорниците се фокусираа на улогата на Министерството и Армијата на Република Македонија во менаџирањето на мигрантската криза на јужната граница, како и за улогата на УНХЦР во активностите за помош на Министерството и Владата.

Министерот Јолевски ја покрена и можноста за вклучување на ЕУ во обезбедувањето помош за бегалци при нивното патување од Грција кон Европа, со железнички или воздушен транспорт со цел нивен побрз транзит низ Југоисточна Европа кон нивната крајна дестинација.

Претставниците на УНХЦР ја истакнаа одличната соработка што ја имаат со Министерството и му се заблагодарија на министерот за неговата помош во соработката со УНХЦР и со организациите присутни во тој регион.

Армијата на Република Македонија со свои припадници продолжува да дава помош и поддршка на Министерството за внатрешни работи на јужната граница. На крајот на август, Армијата во Гевгелија изгради центар за регистрација и транзит на мигранти, во кој им се обезбедуваат и храна, вода, медицинска помош и хигиенски производи. Железничката станица и автобусите лоцирани во близина на центарот за регистрација и транзит ја овозможуваат најбрзата можна маршрута кон северната граница.