Јолевски во Белград на конференција на ОН за мировни мисии

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, утре ќе учествува и ќе се обрати на дводневната конференција за Зголемено учество на земјите од Западниот Балкан во мировните мисии на Обединетите Нации.

На конференцијата учество ќе земат над 120 високи претставници на земјите од Западниот Балкан, односно на Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора, земјите пертнери, меѓу кои и САД, Германија, Франција, Норвешка, Кина, Русија и меѓународните организации како Обединетите Нации, Европската Унија и НАТО-алијансата. Како претставник на Обединетите Нации ќе присуствува и раководителот на Одделот за мировни операции на ООН, Херве Ладсу.

Тркалезната маса која е во организација на Одделот за мировни операции на Обединетите Нации, Интернационалниот мировен институт, во соработка со Република Србија и Канцеларијата на ООН во Белград има за цел на едно место да ги донесе високите претставници на земјите од Западниот Балкан и високите официјални лица на Обединетите Нации и партнерите, како начин да се развие дискусија за идниот придонес на земјите од регионот во мировните мисии на Обединетите Нации.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.