Јолевски во Кардиф на неколку работни средби

На маргините на вториот ден од Самитот на НАТО во Кардиф, министерот Јолевски оствари средби со Заменик помошник на Секретарот за одбрана за Русија, Украина и Евроазија, Евелин Фаркаш и со Заменик помошникот на Секретарот за одбрана за Европска и НАТО политика, Џејмс Таунсенд.

На средбите се разговараше за идните чекори на НАТО, за состанокот на ниво за министри за одбрана и новата платформа за интероперабилност, новата мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан и идниот придонес на Република Македонија. Воедно се разговараше за престојниот SEEDM состанок кој ќе се одржи во Будва на кој главна тема е регионалната соработка на полето на одбраната на земјите од Југоисточна Европа. Во оваа прилика, министерот Јолевски разговараше за програмите за соработка меѓу двете земји при што стана збор и иницијатива за интероперабилноста на НАТО, во која ќе се влкучи и АРМ.

DSC_0416--Taunsend

Во текот на денешниот ден министерот Јолевски оствари билатерални средби со колегите, министри за одбрана од Латвија, Естонија и Турција, Рајмондс Вејонис, Свен Миксер и Исмет Јилмаз.

Образованието и размената на искуства е клучен фактор за натамошен придонес, не само во одбраната туку и за развој на нови пријателства и приближување на народите, беше пораката која ја споделија министрите за одбрана на Латвија, Естонија и Турција на средбите со министерот Јолевски. Воедно се разгледа можноста за размена на питомци, професори и споделување на искуства помеѓу академиите. Со естонскиот министер за одбрана, се разменија мислења за идните чекори на соработка во областа за Сајбер безбедност. Во тој контекст од страна на министерот Јолевски беше искажано задоволство од досегашната обука за цивилниот и воениот персонал од министерството и АРМ во институциите за едукација и тренинг во овие земји.

На средбата со турскиот министер за одбрана, Јилмаз, двата министри ја оценија соработката во областа на одбраната како одлична и искажаа подготвеност за нејзино натамошно унапредување. Министерот Јилмаз, истакна дека Македонија е вистински пример за мултиетничка, мултикултурна демократија и дека местото и е меѓу земјите членки на НАТО.

Министерот Јолевски упати покана до Естонскиот и Латвискиот колега за посета на Република Македонија, а истовремено доби покана од турскиот министер Јилмаз.