Јолевски во неколкудневна посета на САД

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, заедно со началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Методија Величковски и делегација од Министерството и од Армијата од утре и во следните неколку денови ќе престојува во неколкудневна посета на Соединетите Американски Држави.

Во рамките на посетата, министерот Јолевски ќе учествува на Самитот посветен на мировните операции, кој се одржува на маргините на Генералното собрание на ООН во Њујорк. Дополнително министерот ќе оствари средби со повеќемина претставници на Американскиот Конгрес на кои ќе се презентираат аргументите зошто Република Македонија заслужува да биде дел од НАТО, а ќе се разговара и за реформите во одбраната и македонско-американските билатерални одбранбени односи.

Истовремено, во рамки на посетата, генералот Величковски ќе оствари средба и со генералот Пол Селва, заменик-претседавач на здружените сили на САД, односно вториот највисоко рангиран офицер во американските вооружени сили.

Јолевски и Величковски ќе остварат и посета на Националната гарда на Вермонт, која е партнер на Армијата на Република Македонија.

Делегации од Министерството за одбрана на Република Македонија и Департманот за одбрана на САД, предводени од министерот Јолевски и од заменик-помошникот на Секретарот за одбрана за Русија, Украина и Евроазија, Евелин Фаркас  ќе учествуваат и на годишните Билатерални одбранбени консултации помеѓу Македонија и САД.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.