Јолевски во посета на Командата на специјалните сили на САД во Тампа

Министерот за одбрана Зоран Јолевски вчера во Командата на специјалните сили на САД во Тампа, Флорида оствари средба со со генерал мајор Волтер Ли Милер.

Министерството за одбрана на Република Македонија дава големо значење на специјалните сили во рамки на АРМ, кои секојдневно покажуваат исклучителни способности и капацитети. За нас е значајно специјалните сили да споделуваат искуства и знаења со специјалните сили на САД бидејќи тоа е најдобриот начин уште повеќе да го подигнеме квалитетот на овој значаен дел од Армиите на Република Македонија и на САД, истакна министерот.

Како што денеска соопшти Министерството за одбрана, на средбата со генерал мајор Волтер Ли Милер, министерот Јолевски информирал дека Република Македонија развива повеќе капацитети кои се особено примамливи за обуки и вежби во реални услови, особено полигонот „Криволак“ кој нуди голема разновидност во извежбувањето.

Генералот Милер посочил дека имајќи предвид какви способности прикажуваат македонските мировници во мисиите „Слобода за Ирак“, ИСАФ и моментално во „Одлучна поддршка“, несомнено специјалните сили во АРМ се обучувани согласно највисоките стандарди, кои се практицирани и во Армијата на САД и во НАТО-алијансата.

На средбите, соопшти МО, станало збор и за учеството на припадниците на АРМ во обуките на НАТО-командата за специјални операции.

Во рамки на посетата, министерот Јолевски и бригадниот генерал Васко Ѓурчиновски, инаку Командант на Полкот за специјални операции во АРМ, се запознаа со капацитетите на Командата.

фото: МИА