Јолевски за МТВ: Македонија лидер во процесот на воспоставување на Балканските медицински сили

Јолевски: Македонија им ги чува границите, но не може во НАТО и ЕУ

„Еден од основните елементи на стратегијата на НАТО е мудрата одбрана која има за цел земјите-членки и партнерите на НАТО да можат паралелно и заеднички да координираат наменски сили за одредени ситуации.

Оваа иницијатива ни овозможува да се формира штаб кој ќе раководи со Балканските медицински сили, во услови на поголеми непогоди и други ситуации“, рече министерот во интервјуто за Јавниот сервис.

Воедно, министерот Јолевски објасни дека силите би функционирале на тој начин што во услови на поголема непогода во регионот, штабот кој ќе брои околу 20-тина експерти од земјите-членки, контактира со сите земји во регионот и земјите-членки на оваа иницијатива и тие заеднички генерираат капацитети за справување со истата.

Станува збор за лекови, соодветна медицинска опрема и слично, додаде министерот, и посочи дека неколку земји во регионот поседуваат и високо развиени полски болници од ниво РОЛ-2, меѓу кои и Република Македонија.

Спогодбата за Балкански медицински сили досега ја потпишаа Македонија и Босна и Херцеговина, а се очекува набрзо истото да го сторат и Србија, Црна Гора, Словенија и Албанија. Иницијативата, која е првата регионална иницијатива со перманентно седиште во Скопје, е поддржана и од Соединетите Американски Држави и Кралството Норвешка.