Јосиповиќ: Нема да ги уценуваме комшиите

Претседателот на Хрватска Иво Јосиповиќ порачал дека Загреб нема да ја кочи Србија на патот кон Европската унија.

Јосиповиќ оценил дека доаѓањето на германската канцеларка Ангела Меркел на состанокот на лидери на Југоисточна Европа на 15 јули во Дубровник, покажува поддршка за проширувањето на ЕУ. Тој рекол дека доаѓањето на Меркел значи дека ЕУ сака да продолжи со проширувањето на Балканот, пишуваат медиумите од регионот.

Јосиповиќ нагласил дека хрватското Собрание донело декларација „која многу јасно зборува за тоа дека комшиите нема да се уценуваат и кочат во нивните напори да влезат во ЕУ“, но навел дека решавањето на отворени прашања ќе биде важно за оценувањето за исполнувањето на условите.

Тој исто така рекол дека главна порака на собирот во Дубровник ќе биде дека „ЕУ целиот регион го смета за дел од Европа и дека иднината на сите земји во регионот е во ЕУ“.

Во својата оценка за првата година од членството на Хрватска во ЕУ, Јосиповиќ рекол дека била успешна , но дека можеле подобро да ги искористат европските фондови и да се поттикне економијата.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.