Јосиповиќ: Пораките на Шешељ, се пораки на злото

Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ ја поддржува одлуката на премиерот Зоран Милановиќ да не отпатува во Белград во знак на протест за односот на српските власти кон ослободувањето на лидерот на српските радикали Воислав Шешељ.

„Ова е момент кога мораме да застанеме на топката и да кажеме дека сите пораки кои ги слушнавме од господинот Воислав Шешељ се пораки на злото и на тоа мора да реагираме. Реагираше Европскиот парламент, имаме расправа во Советот за безбедност на ОН, но тоа прашање мора да биде препознаено и во Република Србија“, вели Јосиповиќ.

Според него, Хрватска има нагорен тренд во односите со сите соседи, па тој изразил надеж дека и подобрувањето на односите со Србија ќе продолжи. Одлуката на Милановиќ да не учествува на самитот на шефови на држави и влади од Централна и Источна Европа со Кина, што ќе се одржи во Белград, ја поддржа и поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор, која оцени дека станува збор за „една од ретко добрите одлуки на Милановиќ“.

Според Косор, Хрватска нема за што да разговара со српскиот премиер Александар Вучиќ се додека српската Влада „јавно, јасно и прецизно не се огради од големосрпските идеи што ги шири Шешељ, како и од претензиите кон Хрватска“.

Милановиќ се изјасни дека нема да оди на самитот на 16-ти декември во Белград, затоа што не е задоволен од реакцијата на српските власти на ослободувањето на Шешељ. Тој оцени дека „коректното изјаснување за овие контроверзни изјави е прашање на култура, затоа што сите тие луѓе биле исто политичко друштво во текот на 90-тите години“.