Јошка Фишер: Стабилизирање на еврозоната за да се ублажи ураганот Брекзит

 

Европската унија ќе ја преживее бурата Брекзит, но би требало да се стабилизира еврозоната, изјави поранешниот германски министер за надворешни работи и заменик-канцелар Јошка Фишер во интервју за порталот EurActiv.com, додавајќи дека Франција и Германија треба да ги предводат промените.

Според Фишер, кој беше министер за надворешни работи и заменик-канцелар на Германија од 1998 до 2005 година, Брекзитот за Велика Британија е ураган, а за ЕУ е бура.

– ЕУ ќе ја преживее таа бура, но на Британија не и се насмевнува блескава перспектива, смета тој.

Тој нагласи дека од самиот почеток верувал оти референдумот е лоша идеја.

– Го критикував Камерон во 2013 година кажувајќи му дека покрена процес, кој долгорочно нема да може да се контролира. Сега го гледаме исходот, рече Фишер.