Македонија,Политика

Јовановски: Апелациониот суд падна на тестот за својата самостојност

Јовановски: Апелациониот суд падна на тестот за својата самостојност

Апелациониот суд падна на првиот тестот на својата кредибилност, непристрасност и самостојност во донесувањето на одлуките, со што се направи непроценлива штета на правосудниот и судски поредок во Република Македонија, изјави во четвртокот Крсте Јовановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што рече Јовановски пред новинарите, судиите од Апелациониот суд со донесување на, како што ја оцени, противзаконската одлука за прифаќање на прислушуваните и незаконски прибавени материјали како докази во судска постапка, направиле целосно дерогирање на постоечките закони и уривање на функционалноста целокупниот правен систем во државата.

„Судиите потклекнаа под политичките притисоци кои континуирано ги правеше СДС и Зоран Заев во изминатиот период и се ставија директно во полза на режимот на Зоран Заев, кој има за цел пресметка и прогон на политичките неистомисленици, за да се создаде бришан простор за спроведување на антидржавните политики и спроведување нечии туѓи агенди“, рече Јовановски.

Посочи дека оние, коишто според законските и уставните одредби, треба да го надоградуваат правниот систем, треба доследно да ги применуваат законите, да бидат личности со интегритет и да не подлегнуваат под политички притисоци, го направија токму спротивното.

„Со скандалозната одлука судот најдиректно го прекрши законот за кривична постапка, кој во член 12 став 2 вели јасно и концизно дека:

„Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“, наведе пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Оцени дека посочената судска одлука претставува „правен преседан“ во Република Македонија и треба да биде „вештачка магла“која „ќе ги дефокусира“ граѓаните од вистинските проблемите, ќе ги дефокусиираат граѓаните од трајно вдомување на 200.000 бегалци во државата, ќе направи дефокус од подобрување на животниот стандард на граѓаните и од ветената плата од 500 евра, ќе ги дефокусира луѓето од зголемување на даноците, што индиректно значи и помалку работни места и помали плати за работниците, како ќе им го одземе на вниманието на граѓаните од законот за двојазична Македонија.

„Воведувањето на нова судска практика со оваа скандалозна одлука, ќе внесе правна несигурност кај граѓаните, ќе внесе чувство дека во една парламентарна демократија е возможен политички прогон во секое време на било кој, ако некој политички моќник реши да се пресмета со своите неистомисленици“, додаде Јовановски.

Со оваа одлука од Апелациониот суд, предупреди пратеникот, се прави директна штета на судскиот систем и се поткопуваат темелите на правосудството во Република Македонија.

Од името на својата партија, Јовановски порала дека во земјата мора да се почитуваат законите и правните начела.

„… Затоа што ова нема да трае долго. СДС со ваков начин на практицирање и злоупотреба на полугите на власта, нема уште долго да ја додржат оваа позиција. Граѓаните ги препознаа манипулациите и неискрениот однос на Заев и СДС. На локалните избори СДС ќе доживее голем пораз. Секој оној кој работи против законот за да му се допадне и додвори на Заев, ќе сноси одговорност и ќе одговара за своите постапки“, заклучи Јовановски.