Јовановски: Бројни бенефиции од проектот за поддршка на лицата со инвалидност за набавка на автомобил

Бројни се бенефитите од државната поддршка за лицата со инвалидност за набавка на автомобил, изјави денеска во Куманово, претседателот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија „Мобилност“, Бранимир Јовановски, објави МИА.
На лицата со најмалку 80 проценти инвалидност на долните екстремитети, потполно слепите лица и глуви лица и лицата со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост ќе им бидат рефундирани средства до 180.000 денари платени за царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил,согласно новиот владин проект преку  кој ќе добијат поддршка за набавка на автомобили
– Набавката на патничкиот автомобил за нив всушност преставува ортопедско помагало и единствена можност за нивна инклузија во општеството. Откако ќе набават моторно возило тие стануваат самостојни при движењето, можат да одат на факултет, до училиштата, на работа и едноставно да се вклучат во сите сфери на општеството, изјави Јовановски.
Според него, оваа можност ги проширува можностите за поголем успех на лицата опфатени со оваа програма. Потести дека ова право им било укинато 1998 година и оти по низа години е најден модел,за кој изрази надеж дека е првичен и дека по пат на програма ќе бидат опфатени уште поголем број на корисници.
– Ова е голем чекор за нашите членови, кои веднаш се информирани уште од почетокот на преговорите.Преку нашата официјална страна го објавивме повикот и очекуваме дека ќе се јават за оваа програма, рече Јовановски.
Тој додава дека во „Мобилност“ има зачленето околу 8.200 лица, но дека потенцијална бројка на можни баратели на овие услуги е околу 2000 лица со телесен инвалидитет кои се регистрирани како корисници на додаток за мобилност.
Барањата треба да се поднесат до Центрите за социјални работи до 30 септември, годинава. Најголем износ кој може да биде рефундиран е 180 илјади денари. За реализација на оваа програма се предвидени средства во висина од 9 милиони денари од буџетот на МТСП за рефундидарње средства за платени давачки за 50 автомобили за 2016 година.