Јовановски: Децата во Македонија мора да учат македонска историја, а не да им се наметнува туѓа

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува омаловажувањето, потценувањето и навредите искажани кон Македонскиот народ од страна на евро пратеникот Ангел Џамбаски и директорот на бугарскиот национален историски музеј Божидар Димитров, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Крсто Јовановски.

Престанете со негаторскиот однос кон Македонија!

Престанете да не навредувате! Ние не сме ниту Срби, ниту србомани, а уште помалку антибугари.

Ние сме Македонци.

Престанете сите кои се чувствуваат како Македонци да ги нарекувате Срби или србомани или да ги обележувате како непријатели на Бугарија.

Почитувајте ја реалноста на постоење на македонскиот народ. Сакаме да имаме добри односи со сите, а особено со Бугарија, но не сакаме и нема да молчиме кога некој не навредува.

Македонија не навредувала нити пак омаловажувала никого. Јавните настапи на Зоран Заев во Софија ја отворија Пандорината кутија.

Зоран Заев кажа дека Македонија го затворала поглавјето на национализам и омраза.

Ваквиот негов настап беше поздравен и пофален и од евро пратеникот Џамбаски и од директорот Димитров.

Џамбаски срамно ја нарече Македонија творба на коминтерната и плод на српската пропаганда, а Димитров целата посета ја протолкува како историска бидејќи со реализација на договорот се укинувал македонизмот и се одело во насока на формирање на втора бугарска држава.

Ваквите негаторски испади не одат во прилог на градење на добрососедските односи. Ваквите негаторски испади само ги влошуваат односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ.

Македонија не е плод на српската пропаганда, ниту пак творба на коминтерната. Децата во Македонија мора да учат македонска историја и не смее да им се наметнува никаква туѓа. Македонската историја е само  македонска. Таа е автономна и автохтона. Исто како и Илинденското востание.

СДС сега ја има одговорноста да ја води Владата на Република Македонија. СДС не смее да замижува и да ги премолчува ваквите провокации. Министерството за надворешни работи мора да реагира на сите навреди кон Македонија и кон Македонскиот народ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.