Јовановски: Државата за 6 месеци се задолжи над 600 милиони евра

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека сето она кое што СДС го зборуваше до пред половина година сега го погазува. Крсте Јовановски вели дека нема сегмент во којшто не излегуваат на површина лагите на СДС и на Зоран Заев.

-СДС ветуваше совет на експерти од фискалната сфера кои пак од друга страна ќе дава јавно мислење за предлог буџетот, извршувањето на буџетот, задолжувањето и во донесувањето на законските акти во делот на даноците. Сега гледаме дека не само што  нема апсолутно никаква дебата ниту со јавноста, ниту со експертите, ниту со опозицијата, туку СДС и Заев султански си го прекројуваат буџетот безмалку на шверцерски начин. Најдобар доказ за тоа преставува завчерашното пренаменување на средства, односно мини ребаланс кој одвечер беше донесен во Владата, а следниот ден доставен до собранието во екпресна процедура, изјави Јовановски.

Тој обвини дека нема ниту консултација, ниту дебата, а најмалку експертско мислење.

-Ова СДС, Заев и Тевдовски го прават од проста причина затоа што немаат идеја како да раководат со народните пари, од каде што се што гледа и резултира со катаклизма во економијата. Поради нивното незнаење, негрижа и неодговорност буџетот се рекомпонира на секој месец, а од друга страна се топат државните резерви во износ од 349 милиони евра, државата за само 6 месеци се задолжи над 600 милиони евра од аукции на државни хартии од вредност, инфлацијата и трошоците за живот растат, а просечната плата опаѓа, изјави Јовановски.

Јовановски потенцираше дека во економијата безмалку да нема област во која не се појавуваат последици од штетните политики и неспособноста на владата на СДС.

-Ги повикуваме СДС да престанат со штетните потези во економијата и барем еднаш да ги послушаат експертите кои ги предупредуваат за опасноста од зголемувањето на акцизите, на даноците и воведувањето на нови давачки. Еве и не мора тоа да го прават во формална смисла како дел од еден Совет како што ветуваше СДС, туку само нека ја послушаат експертската јавност која порачува преку медиумите дека оваа политика на СДС ќе доведе до колапс на економијата, пораст на невработеноста, пад на стандардот на граѓаните, раст на долгот  и оставање на состојби кои потоа уште долги години нема да можат да се санираат, изјави Јовановски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.