Јовановски: Причините поради кои си заминувам се лични

Поранешниот репрезентативец Дејан Јовановски издржа точно 28 дена на позицијата генерален секретар на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), откако вчера самиот реши да си замине односно да поднесе оставка од оваа одговорна функција.

Вчерашната ексклузивна информација на “Спортмедиа” денеска е само потврдена од некогашното крило, кој утринава испрати соопштение до медиумите.

“Ве информирам дека од лични причини се повлекувам од функцијата генерален секретар на МКФ. На претседателот и на Управниот одбор им се заблагодарувам за дадената доверба и обезбедените услови за работа, а воедно им посакувам успешна работа во насока на развој на македонската кошарка и достојно презентирање на националните селекции во меѓународни рамки”, се вели во писмото кое Јовановски го испрати и до сите релеватни фактори во македонската кошарка.

Според нашите неофицијални информации, една од причините за заминувањето на поранешниот репрезентативец е и желбата функцијата прв оперативец да ја врши на хонорарна основа, останувајќи вработен во Агенцијата за млади и спорт (АМС) од каде што дојде во Куќата на кошарката. Ваквото решение не било прифатливо за претседателот на МКФ, Петар Наумоски, кој сметал дека генералниот секретар треба да биде професионалец целосно посветен на работата во кошарката.

Оставката на Јовановски доаѓа речиси во ист момент со заминувањето и на Илија Мерџановски од местото директор на сите национални селекции, како и на неговиот претходник, Дејан Лекиќ, кој остана во МКФ и по смената на Даниел Димевски, чиј управен одбор го назначи на таа функција.

Ова, пак, значи дека Наумоски сега има полни раце работа во најбрзо време да ги пополни празнините со квалитетни луѓе, кои би можеле да одговорат на предизвикот. Најдобриот македонски кошаркар во историјата нема многу време за размислување, бидејќи пред Куќата на кошарката е напорно летов со настапи на неколку младински селекции на континенталните собири, како и на најдобрата репрезентација на Европското првенство (ЕП) во Загреб.