Јовановски: Спасовски мора да понесе одговорност заради несоодветното постапување на полицијата по бруталната егзекуција на Јанушев

Потпретседателот на СДС и истовремено министер за внатрешни работи, господинот Оливер Спасовски мора да понесе одговорност заради несоодветното постапување на полицијата по бруталната егзекуција на младиот фудбалер Мартин Јанушев, истакна Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

„Младиот Јанушев во петокот беше брутално ликвидиран пред кафуле, на улица, пред очевидци и минувачи, а никој не понесува одговорност. Убиецот се шета на слобода, исто како и тие што му помагаат и веќе шести ден е засолнет и бара алиби. Како што целата јавност ги знае имињата на убиецот и неговите помагачи, така ги знае и полицијата. Нема некој што не ја знае нивната блискост со актуелната власт и со криминалните кругови блиски до Заев и раководството на СДС. Оттука се поставуваат неколку прашања, кој му помага на убиецот да бега од правдата? Ќе има ли одговорност и уште колку млади животи треба да згаснат за Спасовски да им се извини на граѓаните и да се повлече од функцијата, рече  Јовановски.

Запраша зошто не е распишана потерница по убиецот, ако знаеме дека при убиството во околината имало неколку очевидци, но и објекти кои се под видео надзор? Постојат индиции дека убиецот ја има преминато границата, кој му го овозможи тоа, кога и на кој граничен премин?

„Ова се прашања кои мора да бидат одговорени. Полицијата на СДС и на Спасовски оставаат убиецот да се крие и не преземаат ништо во врска со ликвидацијата на Мартин Јанушев, кој беше свирепо застрелан со неколку куршуми во главата во центарот на Скопје во петокот попладне. Криминалните структури со кои власта е во цврст пакт, ликвидираа младо момче и сега некој се обидува овој скандал да се потисне и правно и медиумски. Се враќаат ли на овој начин долговите кон криминалните структури? МВР молчи и околу гласините кои се шират во јавноста дека бегството на убиецот е помогнато од страна на советник во кабинетот на Зоран Заев. МВР молчи и околу информациите дека се подготвува терен ликвидацијата да се претстави како самоодбрана, а делото да го признае некој друг, вели Јовановски.

Јовановски вели дека Оливер Спасовски држел десетици банални прес-конференции за мачки што гребеле автомобили, а сега се крие и бега од одговорност за ваква брутална егзекуција.

„Сега граѓаните со сопствените животи и безбедноста на своите блиски ја плаќаат цената на шест месечното криминално владеење на СДС. Граѓаните се исплашени и живеат во страв. Криминалот на улиците е директна последица на разместување на професионалците во МВР на пониски нивоа и поставувањето на партиски послушници на нивните места. СДС со тоа создаде услови за непречено функционирање на нивната коалиција со криминалот како во 90-тите. МВР истовремено станува соучесник не откривајќи го убиецот на младиот Јанушев. Оливер Спасовски најмалку што им должи на семејството на убиеното момче и на граѓаните за нарушениот мир и безбедност, е да си поднесе оставка од функцијата“, посочи Јовановски.