Јовановски: Ставот на Ципрас за Македонија е идентичен со оној на Самарас

Извесно е дека ставот на лидерот на Сириза, Алексис Ципрас во однос на прашањето за Македонија е речиси идентичен со оној на Самарас и на Венизелос. Ова го изјави реномираниот македонски историчар и редовен професор на катедрата по историја при Филозофскиот факултет од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Далибор Јовановски.

Тој во општествено – политичкиот магазин „Концепт“ на Радио Слободна Македонија изјави дека, треба да оставиме на времето и да видиме какви потези ќе повлече евентуално новата политичка гарнитура во Грција по формирањето на новата влада.

Во дебатата, авторот и водител на емисијата „Концеп“ проф. др д-р Иванка Додовска заклучи дека не е за потценување стравот и неизвесноста кои се повеќе нараснуваат во еврозоната бидејќи без мерките за штедење кои и беа наметнати на Грција од страната на ЕУ и ММФ, таа немаше да го избегне финанскиот колапс кој беше спречен со кредитирањето од дури 240 милијарди евра.

Во рамките на емисијата авторот Додовска и нејзиниот гостин Јовановски дебатираа околу причините за статус квото во грчко – македонскиот спор околу уставното име на Република Македонија, понатаму, околу евро – атлантската блокада од страна на Грција кон нашата држава, околу прашањето за идентитетите на Грците и на Македонците и околу реалните предвидувања за можниот парламентарен резултат по одржувањето на претстојните предвремени парламентарни избори во Грција на 25 јануари, оваа година.