Јовановски: Тиранската платформа беше донесена за да се спречи ВМРО-ДПМНЕ да формира влада

За мене беше импозантно самото влегување на луѓето во Парламентот бидејќи тие дојдоа по своето, изјави во гостувањето во регионалната Телеканал А1 од Струмица пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсте Јовановски.

Според него, Собранието не припаѓа на ниту една политичка партија, туку на граѓаните.

„Тој парламент не е ниту наш, не ниту на другата политичка партија, ниту на третата, туку тој е еден Законодавен дом кој припаѓа на граѓаните. Ние сите внатре сме избрани од тие граѓани да го штитиме националните, државниот, унитарниот карактер и суверенитетот на државата во која живееме“, посочи Јовановски, додавајќи дека луѓето кои влегоа во Собранието се осудувани, а биле окарактеризирани како терористи.

Пратеникот вели дека случувањата во Собранието биле изрежирани, но не знае дали тоа го смислил некој од внатре или однадвор.

„Случувањето во Собранието некој го изрежира, некој го подготвуваше подолг период бидејќи ние како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ константно бевме под притисок дека нешто тие ќе направат. Тие не се спремни или не се трпеливи да помине точката 3, избор на Комисијата за избори и именување бидејќи сите ние имавме земено збор, а на секој збор имавме реплики односно контрареплики. Не знам дали на нив или на некој од надвор, бидејќи не можат тие да го смислат ова, немаат толкав умствен капацитет“, истакна Јовановски.

Според него, Тиранската платформа не била направена на 7 јануари, како што беше објавено, туку вели дека таа само била дел од поголемо сценарио.

„Таа Тиранска платформа била многу поодамна направена. Ако во случај инженерингот на сите странски служби кои овде беа присутни и ако се одложија на 24 април, па на 5 јуни, и оние кои се одржаа на 11 декември, тие длабоко во себе со регулирање на Избирачкиот список сакаа да дојдат до поголема бројка на избори, односно ВМРО-ДПМНЕ да изгуби. Но ВМРО-ДПМНЕ победи на овие избори по 11 пат по ред“, потенцира Јовановски.

Посочи дека Тиранската платформа била донесена на 7 јануари зашто СДСМ не победи на изборите на 11 декември.

„Знаеме сите дека тие добија околу 60-70.000 албански гласови. Тие имаа друг влог „ќе им ги дадете на овие за да им се приближат на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи нивните анкети покажуваа нешто сосема друго“ за да дојдат тие и да победат на изборите, а откако ќе се направи коалиција со нив како победници на изборите оваа платформа нема да мора ние во јавност да ја кажуваме, туку само ќе ја инкорпорираме во сите акти на државата“, вели Јовановски.

Според него, лидерот на СДСМ Зоран Заев иако вети дека ќе си даде оставка ако изгуби дури и со еден пратеник, ќе си дал оставка, но како што вели, тој не смеел да си даде оставка бидејќи сега се гледа неговата улога.

Тиранската платформа, вели Јовановски, била донесена за да може да го спречи ВМРО-ДПМНЕ да формира влада, бидејќи се знаеше оти ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да се сложи со содржината на таа платформа.