Јовановски:Владата на СДСМ има капацитет само за блокирање и уривање

 

Владата што ја предводат социјалдемократите воопшто не е реформска, туки напротив е антиреформск и поседува капацитети само за блокирање, укинување и уривање, констатираше во понеделникот на прес-конференција пратеникот на ВРМО-ДПМНЕ, Крсте Јовановски.
Пратеникот посочи дека министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, „тајно и зад грбот на јавноста, без никаква транспарентност ниту дебата“ ги прекина и ги поништи постапките за реализација на проектот за реконструкција, надградба и осовременување на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во кој се сместени и работат националните установи Театар Охрид, Охридско лето и Библиотеката „Григор Прличев“.

„Реализацијата на овој проект предвидуваше целосна реконструкција, надградба и осовременување на постоечкиот објект на Центарот за култура „Григор Прличев“ по сите светски стандарди. Веќе беше обезбеден буџет, избрано беше идејно решение и фирма проектант, која треба да ја изработи потребната проектна документација по што би се отпочнало градежните активности за реконструкцијата на објектот“, истакна Јовановски.

Оцени дека реализацијата на овој проект практично значеше дека Охрид и охриѓани, како и сите други граѓани бројните странски посетители, првпат по долги години во Охрид, за кој често се вели дека е „градот на културата“, ќе добијат објект каде културните и уметничките настани ќе може да ги следат во современи услови по сите светски стандарди.

„Културните работници во Охрид и Македонија, како и сите странски уметници кои честопати се присутни во овој град, ќе можеа да работат во најсовремени услови, а Охрид и охриѓани ќе добиеа една нова поквалитетна културна димензија во својот град. Но, сега тоа е стопирано од Алаѓозовски, Заев и СДС, кои не сакаат во Охрид да има нов, современ и квалитетен објект кој не е ниту нивна идеја, ниту, пак, нивно дело“, додаде Јовановски.

Во котнекстот на искажаното, го запраша ресорниот министер и Владата дали прекинувањето на овој значаен проект за Охрид, значи „живот за Охрид и охриѓани“? и „Дали за Алаѓозовски, охриѓани не се достојни да добијат објект на кој ќе се гордеат и во кој ќе може да ги следат бројните културно-уметнички настани во својот град?“