ЈП „Исар“ инвестира 3.1 милион денари во уредување на градските гробишта во Штип

ЈП „Исар“ од Штип започна со инвестиција во асфалтирање на околу два километри патишта и патеки на градските гробишта. Освен асфалтирањето, ќе се направи и атмосферска канализација. Обилните дождови а немањето на одводи, се главна причина за руинирање на некои гробни места. Градот се шири, се зголемува популацијата но и морталитетот е во пораст, па се зголемува и површината на градските гробишта во Штип.

– Штипските гробишта зафаќаат простор од околу 9 хектари. Моментално проширувањето е на неколку локации, но имаме намера да ги уредиме и постарите локации кои со години се запуштени. Асфалтирањето е за подобар пристап до гробиштата, за оние кои доаѓаат овде во посета на вечните почивалишта на своите блиски. Можеби ова се гробишта, но тоа не значи дека треба да останат запустени и да не се направат патишта до нив и пристоен пристап. За оваа намена, за уредување на локациите ќе бидат инвестирани 3.1 милион денари – вели Ангел Бојаџиев, в.д директор на ЈП „Исар“.

Законските измени, со кои гробните места ќе имаат сопственици, ќе доведат до месечна наплата со симболична висина за одржување на гробниците. Надлежностите на ЈП „Исар“ се уредување и одржување на јавниот простор, додека гробните места и непосредната околина треба да ги одржуваат сопствениците на гробниците.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.