ЈП Водовод и канализација: Нема простор за намалување на цената на водата

Во врска со барањето за ставање точка на дневен ред на седницата на Советот на Град Скопје за поднесената иницијатива од страна на советничката група на СДСМ и коалицијата за намалување на цената на водата по метар кубен за физичките и правните лица корисници на услугите, одговорот на јавното претпријатие Водовод и канализација-Скопје е дека нема простор за намалување на цената на водата.

Во продолжение проследете го интегрално соопштението што денеска ЈП Водовод и канализација го упати во јавноста:

Имено, цената на водата за пиење и одведување на урбани отпадни води е утврдена согласно Методологија донесена од Министерството за транспорт и врски која е на сила од 01.03.2007 год. Согласно методологијата, цената на вода со канализација за домаќинство изнесува 29,39 ден. а за правни лица 65,80 ден. по м³.

Може да се издвојат неколку аргументи кои одат во прилог на одржување на цената на ова ниво и тоа:

-Трошоци кои се утврдени во методологијата а кои директно ја детерминираат цената на овој ресурс се: трошоци за електрична енергија, трошоци за одржување, трошоци за развој и инвестиции, трошоци за материјали и резервни делови, трошоци за нафта и нафтени деривати и други. Редовното снабдување со чиста вода за пиење и одведување на урбани отпадни води за сите корисници е примарна грижа на ова јавно претпријатие и исполнувањето на оваа обврска е директно поврзано со цената на електричната енергија со која се препумпува водата до корисниците (околу 60%). Сите споментати трошоци со години наназад бележат зголемување;

-Потребата за реализација на тековните капиталните инвестици и проекти за подобрување на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води како и инвестициите поврзани за одржување на водоводната и канализациона мрежа.  Во периодот 2008 до 2014 година со цената од 01.03.2007 година се реализирани инвестиции во следниот обем:

2008 година инвестиции во висина од 258.478.512,00 ден.

2009 година инвестиции во висина од 307.409.289,00 ден

2010 година инвестиции во висина од 346.241.860,00 ден

2011 година инвестиции во висина од 294.321.225,00 ден

2012 година инвестиции во висина од 353.078.753,00 ден

2013 година инвестиции во висина од 218.745.198,00 ден

2014 година инвестиции во висина од 306,721,348,00 ден

-Истовремено, врз основа на одлука донесена од Советот на Град Скопје, ЈП Водовод и канализација-Скопје издвојува 19,5% од наплатената цена за вода кои се неопходни за функционирањето  на ЈП Паркови и зеленило-Скопје;

Сакаме да нагласиме дека се во завршна фаза на постапка неколку значајни правни акти кои ќе бидат најмеродавни за утврдување на цената на водата како што е Закон за утврдување на цени на услуги за вода, Методологија за утврдување на тарифите за давање на услуги за вода и Правилник за Регулаторна Комисија за услуги за вода.

Исто така потенцираме дека водата во Македонија е со најниска цена во регионот по м³: Хрватска, Загреб 2.05 евра, Црна Гора, Подгорица 0.60 евра, Босна и Херцеговина 0.59 евра, Србија, Београд 0.59 евра, Тирана Албанија 0.32 евра, Р. Македонија, Скопје 0.28 евра.