Јунајтед славеше во дербито против Тотенхем, Сити не го дава врвот

Во дербито на 10-то коло на англиската Премиер лига, Манчестер Јунајтед славеше на својот „Олд Трафорд“ против Тотенхем Хотспур, но градскиот ривал Манчестер Сити со гостинската победа кај Вест Бромвич Албион ја одржува разликата на врвот на табелата.

Единствениот погодок на мечот меѓу Манчестер Јунајтед го постигна Мартиал во 81 минута. Со победата второпласираниот Јунајтед се одлепи од третиот Тотенхем со три бода, односно има 23 наспроти 20 на лондонците.

Водечкиот Манчестер Сити забележа победа, во гости го совлада Вест Бромбвич Албион со 3:2. Стрелци за победниците беа Лерој Сане во 10, Фернандињо во 15 и Рахим Стерлинг во 64 минута, додека за ВБА головите ги постигнаа Џеј Родригез во 13 и Метју Филипс во втората минута од судиското продолжение. Сити е на врвот со пет бодови предност пред Јунајтед, има 28 бодови наспроти 23 бодови, додека ВБА е 14-ти со 10 бодови.

Во последниот натпревар од саботната програма од 10-то коло, Челзи на гости славеше кај Борнмут со 1:0, а победничкиот гол го постигна Еден Азар во 51 минута. Актуелниот шампион сега е четврти со 19 бодови, колку што има и петтиот Арсенал, додека Борнмут со само 7 бодови е на претпоследното 19-то место на табелата.

Арсенал, пак, потешко од очекуваното со целосен пресврт на свој терен со 2:1 го совлада Свонси Сити. Гостите поведоа во 22 минута преку Сем Клакас, но „топчиите“ изедначија преку Сеад Колашинац во 51 минута, а Ааром Ремзи веќе во 57 минута го постави конечниот резултат. Арсенал е петти со 19 бодови, додека Свонси е на работ од местата кои водат во понизок ранг на натпреварувањето , на 17-то место е со 8 бодови.

Ливерпул беше сигурен со 3:0 против Хадерсфилд Таун, но до победата дојде во вториот дел. Стрелци беа Даниел Стариџ во 50 минута, Роберто Фирмињо погоди во 58 а меѓу стрелците се запиша во 75 минута и Георгинио Вијналдум. Ливерпул е 6-ти со 16 бодови, додека Хадерсфилд е 11-ти со 12 бодови.
Кристал Палас успеа да го анулира на свој терен сигурното водство на Вест Хем Јунајтед (2:2). Гостите поведоа во 31 минута преку Хавиер Ернандез, а водството го удвои Ендрју Ајев во 43 минута. Лука Милојевиќ во 50 минута за домашните реализираше пенал, а бодот за домашните го обезбеди Вилфред Заха дури во седмата минута од судиското продолжение. Кристал Палас е последен 20-ти со само 4 бодови, додека Вест Хем пропушти да направи посериозно напредување на табелата и е на несигурното 16-то место со 9 бодови.

Стоук Сити со голот на Дарен Флечер во 16 минута на гостувањето го совлада Ватфорд. Стоук е 13-ти со 11 бодови, а Ватфорд пропушти можност да го мине Ливерпул и остана со 15 бодови, сега на 7-то место.