Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во Тирана во понеделникот побара Албанија да продолжи со реформите и борбата против корпупцијата и криминалот бидејќи таа, како што рече, е на добар пат да ги започне преговорите за влез во ЕУ.
Јункер по средбата со албанскиот премиер Еди Рама изјави дека не е дојден во Албанија за да соопшти датум за почеток на преговорите, туку да даде подршка на започнатите реформи во земјата што треба да продолжат. Јункер исто така рече дека ЕУ бара да се расчистат во целост територијалните проблеми на соседите мислејќи тука и на големиот спор што Албанија го има со Грција за територијалните води.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека Албанија ги реализира реформите во судството.
„Повеќе јавни обвинители и судии што не работеле во соглансост со законот веќе се отстранети. Албанија заслужува да ги започне преговорите“, рече Рама и додаде дека владата ќе продолжи со реформите во судството, но и во борбата против корупцијата и криминалот.