Јункер: На Европа и се потребни подобри врски со Русија

Европа мора да ги подобри врските со Русија и не смее да дозволи за тоа да одлучува Вашингтон, ијзави денеска претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.

ЕУ минатата година се приклучи кон САД во воведувањето на санкции кон Москва по припојувањето на Крим со Русија, а санкциите беа дополнително заострени по интензивирање на судирите во источна Украина.

Врските меѓу Москва и Западот дополнително се ослабнати, откако претседателот на Русија Владимир Путин почна со бомбардирање во Сирија.

Москва тврди дека нејзините авиони гаѓаат цели на Исламска држава, додека Западот верува дека цел се противниците на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Јункер нагласува дека тензиите мораат да бидат ублажени, иако тој став не е сосема популарен.

– Мораме да направиме напори за да оствариме практични односи со Русија. Тоа можеби не звучи привлечно, но тоа мора да се стори, вака не можеме понатаму, изјави претседателот на ЕК.