Јункер: Нема проширување на ЕУ во следните пет години

Проширувањето на ЕУ е историски успех, кое донесе мир и стабилност за нашиот континент, истакна Жан-Клод Јункер пред европратениците во Стразбур претставувајќи ги општите програмски ориентации на неговото претседавање со Европската комисија.

Сепак, како што јавува дописникот на МИА од Стразбур,  според идниот претседател на Европската комисија денес Унијата и нејзините граѓани треба да ги прифатат последните проширувања за време на кои 13 нови земји ѝ се приклучија на ЕУ за само 10 години.

„ ЕУ има потреба да направи пауза во својот процес на проширување со цел да го зацврсти она што беше реализирано од 28-те земји-членки“,  нагласи Јункер, додавајќи дека преговoрите кои се во тек ќе продолжат, посебно со зeмјите од Западен Балкан, кои имаат потреба од Европската унија, но сепак нема да има ново проширување во наредните пет години.