Балкан

Јункер: Независно од резултатите на изборите Грција треба да си ги исплати долговите

Јункер: Независно од резултатите на изборите Грција треба да си ги исплати долговите

Грција независно од резултатите на предвремените избори овој месец, треба целосно да ги исплати своите долгови и да продолжи да ги спроведува договорените реформи, изјави денеска претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, пренесе МИА.

– Новата грчка влада треба да ги изврши преземените обврски, со тоа што ќе се придржува кон претходниот тек на реформите и ќе покаже дека е финансиски одговорна, рече Јункер.

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Лагард исто така ги коментираше плановите на главната опозициска партија во Грција, радикалната левица СИРИЗА да отпише дел од државниот долг на земјата.

Лагард изјави дека таквите обиди ќе имаат последици во однос на довербата на кредиторите.

– Долгот си е долг и тоа е договор. Прекинот на исплаќањето на долгот, преструктуирањето, промените во условите на договорот имаат последици во однос на довербата при потпишувањето, посочи Лагард за весникот „Ајриш тајмс“.

На 25 јануари во Грција ќе се одржат предвремени парламентарни избори, на кои според досегашните анкети веројатен победник е СИРИЗА.

Претходно лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас изјави дека доколку победи ќе инсистира од кредиторите за големо отпишување на долгот на земјата.

Владата на премиерот Андонис Самарас се обидува да ги убеди Грците дека плановите на СИРИЗА за отпишување на долгот ќе ја доведат земјата до банкрот.