Балкан

челникот на ек и во приштина ги повтори пораките од белград Јункер побара од властите во Приштина да ги подобрат врските со Белград

Јункер побара од властите во Приштина да ги подобрат врските со Белград

 

Претседателот на Европската комија, Жан-Клод Јункер, ги повика во средата вечерта властите во Приштина да ги подобрат врските со Белград, оценувајќи дека „врските меѓу Косово и Србија се од фундаментална важност“ за патот кон Европа, јавуваат агенциите.

Јункер во Приштина во текот на вчерашната посета на Косово оцени дека е важно односите меѓу Белград и Приштина да почнат да се развиваат на „нови основи“, како и дека во тој контекст е важен правно обврзувачкиот договор, пренесе Радио-телевизија Србија (РТС).

„Важно е Србите и косовските Албанци да изнајдат правно обврзувачки договор, кој ќе овозможи заедно натаму да напредувате кон Европа“, изјави Јункер по разговор со косовските функционери.

Продолжувајќи ја својата балканска турнеја во Приштина, претседатекот на ЕК им повтори и на косовските власти дека Стратегијата за проширување на ЕУ во прв план ја става важноста на реформите кои мора да бидат преземени во регионот, особено почитувањето на владеењето на правото, јакнењето на правосудството и правдата, како и почитување на темелните човекови права.

Јункер го повика и косовскиот парламент да го ратификува договорот за демаркација на границата со Црна Гора, истакнувајќи дека е важен предуслов за либерализација на визниот режим.

Како што јави Радио-телевизија Косово (RTK) на српски јазик, Јункер во Приштина престојувал со шефицата на евродипломатијата Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, а со претставниците на косовската влада разговарале и за борбата против организираниот криминал.

Косовскиот претседател Хашим Тачи на прес-конференцијата рече дека институциите во Приштина се „посветени на продолжувањето на дијалогот“ со Белград, бидејќи тоа е „во интересот на двете држави“.

Јункер пред два дена во Белград по разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ порача дека земјите со нерешени билатерални спорови не може да станат членки на ЕУ.

„Не можеме да ги прифатиме во ЕУ земјите кои не ги решиле своите проблеми, не можеме да увезуваме билатерални спорови. Важно е тие спорови да се решат пред влегувањето“, рече шефот на владата на Унијата.