Јункер ѝ порача на Турција дека нема прием во ЕУ без почитување на демократијата

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, побара од Турција во неделата да ги почитува демократските вредности доколку еден ден сака да влезе во Европската унија, денот по многу остриот говор на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган против оние коишто точно пред една година учествуваа во неуспешниот обид за воен преврат.

„Една година по обидот за пуч, раката на Европската унија останува подадена“, напиша челникот на ЕК, Жан-Клод Јункер, во колумната објавена во неделното издание на германскиот дневен весник Bild, додека преговорите околу приемот на Турција. а во ЕУ веќе неколку години се заглавени на мртва точка.

Меѓутоа, во замена е потребно „Турција јасно да покаже подготвеност да биде европска, како и дека навистина сака да ги усвои темелните европски вредности“, додава Јункер чиишто служби се задолжени за спроведување на договорот со Турција за нејзиниот прием во Унијата.

„Унијата на човековите права, слободата на медиумите и правната држава не е, на пример, во согласност со затворањето на новинарите во изолација кои траат со месеци, без подигнување обвинение“, додава претседателот на ЕК алудирајќи на случајот на германско-турскиот новинар Дениз Јучел кој е обвинет за поддршка на тероризмот.

Во саботата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на одбележувањето од првата годишнина од неуспешниот обид за пуч вети дека „ќе им бидат откинати главите на предавниците“.

Анкара по ланскиот 15 јули започна големи чистки против обвинетите за припадност на движењето на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен, кој живее во доброволен егзил во САД и кого турските власти го обвинуваат за создавањето паралелна власт во прв ред во правосудните, безбедносните и образовните структури, со цел да ја преземат власта, што Ѓулен го отфрла.

Во изминатата година отпуштени од работа или суспендирани се повеќе од 150.00 службеници, а притворени се околу 50.000 лица вработени во војската, полицијата, на универзитетите и другите државни служби.

Брисел повеќепати предупредуваше дека однесувањето на Анкара ја доведува во прашање нејзината посветеност за пристапување кон ЕУ. Европската комисија на почетокот во годишниот извештај за напредокот на Турција на патот кон Унијата, ги нотираше неуспесите на политиките на Анкара во сферата на граѓанското општество, човековите права и слободата на говорот. Во извештајот, исто така, беше истакнато дека турските власти не прават доволно за прилагодување на законодавството кон европските норми.

Спогодбата за асоцијација меѓу тогашната Европска заедница и Турција беше потпишана во 1963 година. Апликацијата за членство во Европската унија, Анкара ја поднесе дури во 1987 година. Пристапните преговори за членство, пак, започнаа дури во 2005 година, а повеќепати беа усложнувани поради несогласувања што доведе до нивно прекинување. Во моментов отворени се 16 од 35-те поглавја од пристапните преговори.