Јункер повтори дека засега ниедна земја од западен Балкан не ги исполнува условите за членство во ЕУ

Во оваа фаза ниту една од земјите од западен Балкан не ги исполнува сите услови за влез во Европската унија, изјави во четвртокот претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, додавајќи дека постои „огромен“ напредок кај земјите од овој блок.

„Европската унија останува силно посветена на европските изгледи за нашите партнери од западен Балкан. Ние ќе се потрудиме да работиме на ова и да ја видиме истата желба кај нашите партнери. Тие се подготвени да ги исполнат реформите што се потребни за пристапување во ЕУ. Кога ја презедов функцијата, реков дека ниту една држава од западен Балкан нема да може да пристапи во ЕУ до крајот на мандатот во оваа Комисија, а тоа ги растажи нашите пријатели. Потоа морав да ги образложам моите намери и да го забрзам пристапот на овие партнерства, да видам каков ќе биде кандидатскиот статус и кога ќе се случи пристапувањето, а тоа ќе се реализира ако на крајот на 2025 година бидат исполнети сите услови“, рече Јункер.

Уште еднаш го потврди ставот дека сите што сакаат да пристапат во ЕУ мора претходно да изнајдат решение за билатералните спорови.

„Мораме да ја прифатиме комплексноста на овој регион, ЕУ е голем пазар со многу позитивни ефекти за економијата, а, исто така, и вредности што не треба да исчезнат од нашиот опсег. Набргу ќе има самит на земјите од западен Балкан и ЕУ во Софија, каде што ќе разговараме за проширување и пристапување. Сепак, главна тема на самитот ќе бидат проблемите на миграцијата и ќе мораме да ѝ посветиме поголемо внимание на економската ситуација во регионот. Ќе треба да зборуваме за поврзаноста на регионот“, рече Јункер.

Ги пофали резултатите на бугарското претседателство и рече дека Бугарите треба да се гордеат на начините на кои нивните лидери го водат претседателството. Според Јункер, Балканот е неделив дел од Европа и неговото вклучување во заедничкиот европски простор на безбедност и економски развој е од стратешко значење за трајната стабилност на целата Европска унија.

Обраќањето на Јункер следуваше во рамките на работниот состанок со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, како премиер на земја претседавач со ЕУ, заедно со шефовите на држави и влади од Западен Балкан, што се одржа во Софија. На состанокот присуствуваа и високата претставничката за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.