Јункер убеден во претседателската функција

Конзервативната Европска народна партија (ЕПП), која ја поддржува кандидатурата на Јункер, победи на изборите за Европскиот парламент минатата недела.

Поранешниот премиер на Луксембург Жан Клод Јункер изрази увереност дека ќе стане следниот претседател на Европската комисија, нагласувајќи дека европските лидери не треба „да бидат принудувани“ да го отфрлат.

Јункер вчера за весникот „Билд ам Зонтаг“ изјави дека веќе има поддршка од „широко мнозинство“ од конзервативните и левоцентристичките лидери.

Сепак, Јункер се соочува со отпор во Велика Британија, а германскиот канцелар Ангела Меркел, чија партија е член на ЕПП, беше подложена на критика во нејзината земја, бидејќи изгледала дека е „студена“ во однос на неговата кандидатура. Во петокот Меркел јасно даде до знаење дека ја поддржува кандидатурата на Јункер.

„Европа не треба да биде уценувана“, изјави поранешниот премиер на Луксембург и додаде дека е уверен оти ќе биде избран на чело на Комисијата кон средината на јули.

Италијанскиот премиер Матео Ренци сепак изјави дека е неопходна политичка дискусија за изборот на нов претседател на Еврокомисијата.

„Јункер не е единствениот кандидат“, нагласи Ренци на економската конференција во Тренто.

Левоцентристичкиот италијански премиер истакна дека Јункер нема автоматско право на функцијата и додаде дека мнозинството не му е загарантирано.

„Многу е поважно да се концентрираме на политичката програма на Европската комисија, отколку на тоа кој кое место треба да го добие“, додаде Ренци.

Претседателот на Еврокомисијата се избира од европските лидери, но треба да биде одобрен и од Парламентот, во кој на последните избори влегоа голем број евроскептици.

Германското списание „Шпигел“ вчера објави дека британскиот премиер Дејвид Камерон ги предупредил останатите лидери на ЕУ, дека доколку Јункер биде избран, тој нема да може да го гарантира останувањето на Велика Британија во ЕУ.