Балкан

Јункер во Белград повтори дека во ЕУ не може да се оди со нерешени спорови

Јункер во Белград повтори дека во ЕУ не може да се оди со нерешени спорови

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, порача во понеделникот во Белград дека 2025 година од Европската стратегија за западен Балкан „не е ветување“ туку охрабрување и поттик за земјите кандидати за членство во Европската унија, повторувајќи дека во не може да се стане нејзина членка со нерешени билатерални спорови.

„Тоа не е ветување, тоа се перспективи, тоа е индикативен датум, тоа е охрабрување“, изјави челникот на ЕК, Жан-Клод Јункер на прес-конференцијата по разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ на кои присуствуваше и еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.

Јункер повторно истакна дека во Европската унија не може да се внесуваат билатералните несогласувања и заемни нерешени прашања.

„Не можеме да ги прифатиме во ЕУ земјите кои не ги решиле своите проблеми, не можеме да увезуваме билатерални спорови, Важно е тие спорови да се решат пред влегувањето“, рече шефот на владата на Унијата.

Ја пофали Србија дека веќе изминала „импресивен дел од патот“ и додаде дека „многумина не се свесни“ во која мера Србија се подготвила за членството. Меѓутоа, истакна дека датумот за пристапување на ЕУ не зависи од Брисел, туку, во прв ред, од Белград.

Покрај досегашниот напредок и спроведувањето на реформите „од кои некои неа болни и заслужуваат почитување и восхитување“, Јункер како главни предизвици и искушенија во натамошниот претпристапен процес на Србија ги гледа прашањата коишто се однесуваат на владеењето на правото и правосудството, како и правно обврзувачкиот договор со Приштина.

„Меѓутоа, ни е наше да кажеме каков ќе биде карактерот на тој договор, Белград и Приштина тоа треба да го одредат“, истакна Јункер.

Оценувајќи дека западниот Балкан и Србија треба да бидат дел од ЕУ, како и дека без нив „ЕУ не е комплетна“, Јункер рече и дека не дошол во Србија да дели уроци, туку отворено да разговара.

„На Србија не ѝ се потребни лекции, тоа е голема нација. По денешниот разговор јас сум смирен, Србија оди кон ЕУ“, рече Јункер и истакна дека од минатото мора да се извлечат поуки.

„Србија и ЕУ заедно ќе имаат многу можности за развој. Државниците минуваат, но народите остануваа“, порача претседателот на Европската комисија во Белград.

Вучиќ му се заблагодари на Јункер на почитта што ја покажува кон Србија, истакнувајќи дека неговата посета заедно со Јиханес Хан претставува „значаен поттик Србија да продолжи со реформите во процесот на пристапување кон ЕУ“ и дека се менува за да може да иде дел од друштвото на коешто му припаѓа.

„Не зборувам дека во 2025 година е гарантирано влегувањето, туку е година којашто би можела да биде годината на нашето приклучување на европското семејство на народите“, рече Вучиќ.

Истакна дека за Србија најтешка пречка на патот кон членството во ЕУ ќе биде правно обврзувачкиот договор со Приштина, но нагласи дека „тука нема што да се крие, ниту сака на граѓаните да им ги мачка очите“.

Српскиот претседател укажа на важноста од компромис со Косово, алудирајќи дека тоа мора да се сфати, бидејќи во спротивно Србија би се давела во сопственото минато..

„Затоа толку пледирам на компромисот и затоа толку молам и барам поддршка и од Европската комисија и до сите светски сили да дојдеме до таа поддршка“, рече Вучиќ.

Српскиот лидер ја истакна важноста од компромисот меѓу Србите и Албанците како две најбројни нации на Балканот, но нагласи дека компромисот подразбира и Белград и Приштина нешто да загубат, а не едната страна да добие а другата сѐ да загуби.

„Доколку тоа не биде возможно, и натаму ќе живееме во минатото“, рече Вучиќ, порачувајќи дека таквиот исход од преговорите треба да се избегне.

Јункер и Хан допатуваа во Белград во рамките на балканската турнеја којашто ја започнаа во неделата во Македонија, ја продолжија во вторникот во Албанија и Србија, во вторник ќе ја посетат Црна Гора, а во среда Косово и Босна и Херцеговина.