Јункер во Македонија на средби со државниот врв

Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер својата балканска турнеја ја започнува во недела на февруари со посета на Македонија, во рамки на којашто до 1-ви март ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан, а во недела во Скопје се очекуваат и европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн ќијашто посета ќе биде во рамките на ткн процесот Жан Моне.

Претседателот Јункер ќе го придружуваат високата преставничка за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан. Во Македонија се потврдени средби со премиерот Зоран Заев и со претседателот Ѓорѓе Иванов, но не се исклучуваат дополнителни средби. Јункер и Заев треба да одржат и заедничка прес конференција.

Засега не се познати детали околу пораките кои ќе му бидат пренесени на македонското лидерство, особено во однос на прашањето за името. Портпаролот на Жан Клод Јункер на новинарите претходно седмицава кусо одговори дека претстојната посета на регионот е одраз на обновениот интерес и динамиката која ЕК сака да ги внесе.

Турнејата по Западен Балкан, првиот човек на ЕК ќе ја заклучи со посета на Бугарија, која во моментов претседава со Европската унија. Западниот Балкан, долго изоставен од приоритетите на европската извршна власт повторно станува важна тема на разговор во Брисел. На почетокот на февруари Европската Комисија ја објави својата нова стратегија за Западниот Балкан, која има за цел да ја потврди кредибилноста на европската перспектива за земјите од регионот.

Тројцата европратеници, пак, ќе допатуваат во рамките на  формат на средби меѓу Европскиот парламент и македонските политички лидери кој беше инициран кон крајот на минатата година, и има цел да го помогне политичкиот дијалог далеку од очите на јавноста.

Европратениците ќе остварат средби во понеделник попладне со лидери на главните политички партии. Се очекува тие да се сретнат со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска и спикерот на Собранието, Талат Џафери. Други билатерални средби засега не се потврдени.