Јункер: Земјите од Западен Балкан во ЕУ по 2019 година

Сите земји од Западен Балкан имаат перспектива за членство во Европската унија, но тоа ќе се случи по 2019 година, соопшти вчера претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во интервју за група хрватски и словенечки новинари.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Јункер на оваа средба со хрватско-словенечките новинари, исто така посочи дека на американскио потпретседател Мајк Пенс, при нивната вчерашна средба во Брисел му посочил дека е лоша вест за Западниот Балкан што „некои од новата американска администрација даваат впечаток дека ЕУ се разводнува“.

– Јас имам намера да го посетам Западниот Балкан, но во тоа ме блокираат моите луѓе, бидејќи сакаат да бидам во Брисел. Вчера на потпретседателот Пенс му објаснував за лошата порака што ја испрача кон овој регион новата администрација во Вашингтон со критиките за разводнување на Унијата, бидејќи овие земји ги очекува еворпска перспектива. Тие не можат да ни се приклучат до 2019 година, но ќе ни се приклучат подоцна, потенцираше Јункер.

Челникот на неформалната Влада на Европската унија, исто така додаде дека е проблем ако некој во САД говори за ЕУ дека е во распаѓање и дека и другите земји треба да го следат Брегзитот, дека тоа е лоша вест „за пријателите на ЕУ на Западниот Балкан“.

– На земјите од Западен Балкан од очигледна причина им е потребна европска перспектива и јас во тоа верувам, заклучи Јункер во интерјуто за хрватските и словенечките новинари.