„Јутарњи лист“: Постои опасност Хрватска да стане нова Грција

Странски аналитичари оценуваат дека Хрватска може многу лесно да се најде во истата ситуација во која денес се наоѓа Грција, пренесува хрватскиот весник „Јутарњи лист“.

„Страшниот коктел од големиот износ на долгот, големиот фискален дефицит и недостигот на раст ја доведоа хрватската задолженост многу блуску до неодржливото ниво, пишува „Имерџинг Маркетс“, едно од деловно-финансиските изданија на Еуромани (Euromoney).

Иако повеќето прогнозери сега оценуваат дека бруто домашниот производ (БДП) следните години ќе расте од 0,5 до 1,5 отсто, а и Владата задоволно го прогласува крајот на рецесијата, аналитичарите сметаат дека ова скромно заздравување нема да биде од голема помош, наведува „Јутарњи лист“.

„Ако нешто драматично не се случи, за три до четири години ќе зборуваме за ‘хрватска криза’. На земјата очајно и се потребни структурни реформи кои ќе ја пробудат економијата и ќе го поттикнат растот“ смета лидерот за стратегија за Средна и Источна Европа, Блискиот исток и Африка во „Стандард банк“, Деметриос Ефстатиу.

Во случај да се остварат неговите песимистички прогнози, тоа ќе значи дека следената хрватска Влада може да се најде во ситуација во втората половина од својот мандат да мора да преговара со доверителите за тоа под кои услови да им го врати долгот, како што тоа во овој момент го прават Грција и Украина.

Ова сценарио на банкрот, со несогледливите последици што ги носи, како што се чини, ќе може да се избегне само со брзи и радикални реформи. Во спротивно, дури кога Владата и би го намалила буџетскиот дефицит од сегашните околу 5,5 отсто од БДП на три отсто, според мислењето на Петер Табак, економиста во Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) кој ја следи состојбата во Хрватска, Србија и Русија, тоа не би било доволно да се запре трупањето на долгот заради слабиот економски раст и ниската инфлација.