Јуве го скрши Кротоне, реми во дербито меѓу Лацио и Фиорентина

Во средните од 14-то коло на италијанското фудбалско првенство актуелниот првак Јувентус во Торино го совлада Кротоне со 3:0, додека во дербито во Рим Лацио и Фиорентина одиграа без победни 1:1.

Јувентус во првото полувреме имаше посед на топката од дури 83 отсто, но никако не успеваше да го скрши бункерот на Кротоне. Во овој дел единствената вистинска шанса ја имаше Марио Манџукиќ кој во 43 минута шутираше со глава покрај голот. Сепак „Старата дама“ дојде до предност во 52 минута кога Манџукиќ реагираше на нафрлувањето од Андреа Барзаљи и со глава го совлада гостинскиот голман. Осум минути подоцна Јуве го удвои водството преки одличниот удар на Матиа де Скиљи од повеќе од 20 метри, а конечниот резултат 3:0 го постави Мехди Бенетиа во 71 минута.

Во дербито на колото Лацио и Фиорентина ремизираа. Домашните поведоа во 25 минута со голот на Стефано де Ври, а изедначи Куомо Бабакар од пенал во четвртата минута од судиското продолжение.

Лидерот во италијанскиот шампионат Наполи го совлада на гостувањето Удинезе со 1:0, а решавачкиот гол го постигна Жоргињо во 33 минута. Бразилецот кој има италијанско државјанство изведе пенал кој му го одбрани голманот Сионе Скуфет, но Жоргињо доби можноста да ја исправи грешката.

Џенова со новиот тренер Давиде Баљардини и во вториот меч во низа оствари позитивен резултат. Откако минатото коло го победи Кротоне, во неделата ја запре фаворизираната Рома одигрувајќи 1:1. Гостите поведоа во 59 минута преку Стефан Ел Шарави, а изедначи во 70 минута Џанлука Лападула од пенал кој го направи Даниеле Де Роси кој притоа заработи и директно исклучување.

Во мечот меѓу Милан и Торино немаше голови, и тоа најмногу по заслуга на гостинскиот голман Салваторе Сиругу кој по мечот доби висока оцена. Фудбалерите на Милан имаа низа изгледни можности за постигнување гол, но противничкиот голман им беше непремостлива пречка.

На табелата води Наполи со 38 бодови, Интер е втор со два бода помалку, додека Јувентус е трет со четири бодови заостанување.