Јуве и Наполи со пресврти до гостински победи на стартот од првенството

Во првото коло од италијанското фудбалско првенство, Наполи како гостин во Рим го совлада Лацио со 2:1 (1:1), а претходно во првиот натпревар во новата сезона актуелниот шампион Јувентус како гостин во Верона го совлада Киево со 3:2 (1:1).

Новото пренство во Серија А започна со меч полн со пресврти а на крајот фаворизираниот Јувентус, сепак, дојде до трите бода и тоа во судиското продолжение.

Дуелот започна очекувано и „Старата дама“ од Торино поведе уште во 3 минута преку Сами Кедира, и се очекуваше имајќи ја предвид иницијативата и неколкуте рани шанси на Кристијано Роналдо да извојува лесна и убедлива победа. Но „Летечките магариња“ успеаја да израмнат преку Степенски во 38 минута, а на почетокот од второто полувреме и да поведат во 56 минута со голот на Џакарини кој реализираше пенал. Јувентус сепак се спаси благодарејќи на автоголот на Бани во 75 минута, а во втората минута од судиското продолжение гол постигна Бернардески. Во 86 минута Марио Манчукиќ постигна гол за гостите, но по прегледување на снимката судијата Пасква го поништи бидејќи Кристијано Роналдо претходно направил прекршок врз голманот на Киево, Сорентино, кој поради веројатен потрес на мозокот кој го здобил во таа ситуација мораше да биде заменет.

Во Рим домашниот Лацио поведе со гол Имобиле во 25 минута, а во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме израмни Милик. Трите бода на Наполи му ги донесе Инсиње во 59 минута.

 

Во недела на програмата се дуелите Торино – Рома, Болоња – СПАЛ, Емполи – Каљари, Парма – Удинезе и Сасуоло – Интер, а во понеделник ќе играат Аталанта – Фросионе.

Натпреварите во кои играат екипите од Џенова, поради трагедијата со уривањето на надвозникот се одложени, па Сампдорија и Фиорентина ќе играат на 19-ти септември, а Милан и Џенова на 31-ви октомври.